Спиридон
Според кажувањата на баба ми Елена, Спиридон е роден брат на нејзиниот татко Филип, датум на раѓање 1886 година во Галичник. Со Спиридон уште од дете им почнале проблемите како на фамилијата, така и на цел Галичник дека ептен бил „беља дете“ што се викало. Од Галичник избегал околу 1900 на нецели 14 години и заминал за Албанија кај Мусо Зелез од Пешкопеја, кој бил ќеаја на едно од најголемите бачила на Бистра планина, Солумница. Спиридон во Албанија го усовршил „бељаџискиот занает“, така што нареден пат кога слушнале за него моите и галичните, било кога го уапсиле во Ливерпул, Британија во 1912 година во обид да шврецува опиум за Њујорк на бродот Олимпик. Го пишувало и по белградските новини од тој период, но не можев да најдам копии.
РМС Олимпик, пристигнување во Њујорк, 21 јуни 1911
Тоа лето и последен пат бил виден во Галичник, кога дошол со намера да купи сè што има од кашкавалот таа сезона. Барал над 300 пити, ама немало толку па откупил само 40тина, а никој не разбирал зошто им рекол да им направат внатре дупки. Тоа лето, 1912 година, оставил и една дрвена кутија со шпирто, како што го нарекувале алкохолот во тоа време во Галичник, и им кажал дека таму од кај што ја донел го викале „Жин“ – барем така запомниле моиве. Гога пифнале, сфатиле дека пијалокот е од смреката што ја има насекаде низ Галичник и Бистра планина.
После таа 1912 година наредни три ниту ниту абер ниту ферман за Спиридон. И, во 1915 година стасало првото писмо од Чикаго испратено од Спиридон до баба Магда (мајче си ја викавме), мајката на мојата баба Елена и сопруга на брат му на Спиридон веќе споменатиот Филип, кој пак во тоа време бил во Александрија, Египет на печалба.
Во писмото Спиридон и пишал на мајче Филиповица да го убедит Филипа да се вратит в Галичник, да ги земет децата и сите да си доет у него во Чикаго. Пишувал за некој пријател негов Алфонсо кој бил многу почитуван во Чикаго (акцентот на првото “и” како шо се читат по галички), а наводно тој и Спиридон имале веќе развиени бизниси со роба која патувала со бродови од Италија за Америка. Во писмото пратил и фотографија од него и Алфонсо која ја чуваме до ден денеска.
Спиридон (лево) и Алфонсо (десно), Чикаго 1915 година
Пишал исто дека бродовите идат и до Драч, Албанија и дека оттаму можат да се качат. Ама Филип, брат му на Спиридон, бил тврдоглав и нејќел ни да чуе, ниту за Чикаго, ниту за брат му, ниту за Галичник и си останал у Александрија. Поминале уште неколку години и тогаш стасало последното писмо од Спиридон околу 1922 година.
Уште бил во Чикаго и работел со трговија со шпиритус, и, како што раскажуваше мајче пишал „освен јас и Алфонсо овде никој друг не смеет да продават шпирто, од пари су турен, до Дебор не ќа и соберет “. Мајче била среќна за успехот на Спиридон, а му пишала дека Жинот кој го донел го подобрила со две три нови тревки кои самата ги набрала кога била на биљачки со другачките, ги додадала па успеала да го издестилира и добила според нејзе иљач многу јак или лек како што денеска го кажуваат.
И, така оваа рецепта од прабаба ми Магда (мајче), преку баба ми Елена нејзина ќерка, до татко ми Рафе, стаса до мене, и јас малку експериментирав и со други билки од Бистра, и го направив Галичкиот Сув Жин – Бел Гребен.
За Спиридон немаме повеќе информации, но ако мислите дека оваа приказна е вистинска имате 10% попуст на Галички Сув Жин – Бел Гребен за купени производи во вредност над 3000 денари.
Не знам дали Спиридон праќал и други писма, ама ако праќал можеби ќе ги најдеме и ќе ги објавиме.